Дума.мк: Збогум Љупчо, Велес остана по сиромашен за уште еден хроничар и истражувач
Во 61 година од животот, пред време и ненадејно, почина велешкот хроничар и истражувач Љупчо Данов. Неговите посмртни останки, вчера, беа погребани во семејната гробница во Соброрниот храм „Свети Пантелејмон“ во Велес.
Данов беше надворешен соработник цели пет години на Дума.мк. Така на јавноста и сподели 596 текстови во којшто се документирани бројни велешки урбани ликови, нивните животни судбини, приказни за значајните постигнувања преку кои се промовираа стар Велес и Македонија, дома и во странство. Хроничарот на Велес на увид на јавноста и стави вредно собираните материјали, научно историски документи и фотографии од истражувања на архивската граѓа на националните архиви на Турција и на Бугарија, коишто се поврзани со македонската национална историја. Дел од нив се однесуваат на периодите пред и по Илинден, дел пред и по Втората светска војна. Данов сам или со поддршка на свои пријатели, историчари и аналитичари од овие две држави, неуморно ги сработи сите текстови со цел да биде објавена вистината и научно историските факти за постоењето на македонската држава, народ и Македонски јазик коишто во изминатите три децении се оспорувани или минимизирани од дел од соседите на родната Македонија. Тој преку пишаниот збор полемизираше додека откриените документи ги објавуваше и користеше како непобитни факти.
Но не успеа до крај да ја „истера правдата“ со оспорувачите. Во неговата лична архива останаа бројни докази за коишто беше потребно барем уште едно патување, до истражување, до документирање пред објавување. И не на така далечно место затоашто Белград, Софија и Истанбул се многу поблиску од вечноста.
Остана не испиено и последното кафе со тебе Љупче за да се дефинира рамката на проектот чија што реализација ја посакуваше, за уште еднаш да се втурнеш во стотиците напишани страници од македонската научна фела но однесени надвор од нашата држава. А ти ги знаеше каде се, веќе ти помогнаа, ти ги дадоа потребните информации твоите бројни пријатели на балканот, ти кажа како да стигнеш до нив и ако не во оригинална тогаш барем во копија да ги „прибереш“ назад, на местото на кое сега толку му требаат затоа што му припаѓаат.
Нека ти е лесен патот по кој сега одиш, те носи кон спокојот и вечноста. Ти благодариме за несебично споделените приказни, истражувачки текстови, докази, факти и фотографии од твоите Велес и Македонија.
Дума.мк