Двојно поголем интерес на средношколци од Велес за обуките „Моден и Декоративен дизајн“ на Фондација „Фокус“
Четириесет и тројца средноколци се пријавија за обука за Моден додека 40 за Декоративен дизајн, коишто се дел од проектот „Клуч за сопствен бизнис“ што од почетокот на месец јуни, годинава, го спроведува Фондација Фокус. Тоа е двојно повеќе од предвидениот број на учесници што го планираше фондацијата во двете групи за обука. Од проектниот тим велат дека информацијата за двете обуки многу брзо се проширила во сите четири училишта иако првично била планирана само за средношколците од СОУ„Гимназија Кочо Рацин“ и наменета како алтернативно решение за средношколците кои неможат да го продолжат сопственото образование на високо образовните установи во државата.
„Мислам дека поттикнавме големиот интерес затоа што обуките се дел од две Програми, за Моден и за Декоративен дизајн, коишто тимот на проектот „Клуч за сопствен бизнис“ самостојно ги развива и ќе ги сертифицира, додека за подготовката на Прирачниците која е при крај избрани се високо образовани,стручни и компетентни обучувачи со долгогодишно работно искуство. Исто така одзивот е поголем од очекуваниот и поради Сетификатите што учениците ќе ги добијат на крајот од 4 месечната обука и со кој ќе имаат алтернативна можност за вработување поточно отворање на сопствен бизнис. Многу сериозно и одговорно постапија и директорите на средните училишта со кои се консултиравме. Сега можам да констатирам дека сите четворица директори на училиштата видоа потенцијал во она што го работиме а дел од нив отворено покажаа интерес во делот како овој наш прв чекор може да резултира и со востановување на струки за образование во нивните средни училишта, рече проектниот асистент Маја Чадиева Јенсен.
Иако јавните огласи се сеуште отворени бројките се резултат и на вкупно четирите презентации, наместо планираната една во СОУ “Гимназија Кочо Рацин“.
„Директорите на четирите средни училишта не поттикнаа додека проектниот тим прифати проектот Клуч за сопствен бизнис да го промовира во сите четири средни училишта. Уште на презентациите, на кои учествуваа најмалку по 30 ученици ни стана јасно дека интересот ќе биде голем. Им благодариме на учениците коишто сериозно не слушаа и ја сватија суштината на проектот. Ќе се обидеме да ги вклопиме сите заинтересирани млади луѓе,“ додаде Чадиева Јенсен.
Проектот „Клуч за сопствен бизнис“ на Фондацијата за локален развој и демократија ФОКУС се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот кофинансиран е и од Општина Велес.
Стефани Манева