(фото) Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес гости на јубилејот на ООУ „Кочо Рацин“ – Нов Дојран

По повод 80-годишниот јубилеј на основното училиште „Кочо Рацин“ од Нов Дојран, ученици од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес беа дел од свечената програма, одбележана под мотото: „Почит кон минатото – инспирација за иднината“. Настанот се одвиваше во свечена и инспиративна атмосфера, при што гимназијалците од Велес достојно го претставија своето училиште.
Особено внимание привлече настапот на учениците Лана Басаров и Кристијан Мартинов, кои со својата оригинална и емоционална интерпретација ги воодушевија присутните и предизвикаа возбуда за нивниот следен настап.

Публиката ја проследи и претставата „Штрајкот на велешките гимназијалци“, во која настапуваат учениците Филип Настов, Изабела Жабева, Ива Ракиџиева и Матеј Славески.

Настанот беше збогатен со посебна средба меѓу учениците и познатиот актер Игор Џамбазов, еден од иницијаторите на манифестацијата. Џамбазов со задоволство размени искуства со младите актери и ги охрабри да продолжат со својата креативна работа.
Подготовката и учеството на гимназијалците беа реализирани под менторство на професорките Цветанка Карамаркова и Весна Павлова, со поддршка од директорот на гимназијата, Илија Попов.

Овој настан претставува уште едно признание за талентот и посветеноста на учениците од велешката Гимназија и потврда за значењето на културната соработка меѓу образовните институции.
Стефани Манева
