(фото) На втората вечер од ИФФ 2023, заедно со мексиканците танцуваше и публиката
Втората фестивалска вечер од Интернационалниот фолклорен фестивал започна со изненадување за публиката, посветено на маестро Милан Завков којшто повеќе не е меѓу нас, но чие име остави неизбришлив белег во македонската традиционална музика. Во негова чест, на самиот почеток беше прикажан видео запис, а потоа засвиреа Група Маестро.
Претседателот на организациониот одбор на ИФФ, Томе Јаневски, додели и постхумно признание на маестро Милан Завков коешто го прими неговиот брат, Тодор Завков, кој пред многубројната публика во амфитеатарот изрази посебна благодарност и остана на сцената да свири заедно со група Маесто.
Велешани не ги штедеа своите дланки и во текот на целата вечер ракоплескаа на сите фолклорни кореографии одиграни од ансамблите на Босна и Херцеговина, Хрватска, Мексико, Турција и Македонија.
Она што ја направи посебна оваа вечер е токму вклучувањето на публиката во кореографиите. Мексиканците ги поканија велешани на танц и заедно играа, пееа и се забавуваа.
Вечерва, со почеток во 20:30 часот, третата фестивалска вечер ќе ја отворат „Распеани велешани“ а публиката потоа ќе може да ужива во настапите на македонските ансамбли и гостите од повеќе земји.
Стефани Манева
фото галерија: