Фотографија од „Слет“, по повод 25 Мај, на Градски стадион во Велес
Основните училишта во Велес биле учесници и граѓаните публика на манифестација што се одржувала во Велес и била посветена на 25 Мај, Денот на младоста. Тоа се случувало на Градски стадион, кога нашиот град го носеше името Титов Велес, во поранешна Југославија. На оваа фотографија, сочувана од велешанката Вера Јанева, е прикажан „Слет“ што се одржал во далечната 1966 година. Тогаш Јанева била ученичка во осмо одделение, со презиме Ончева и учествува на слетот. Taa денеска има 69 години и раскажува како манифестацијата била организирана и реализирана.
-Фотографијата ја зачував и пронајдов деновиве. На неа сме фотографирани и ние, учениците, од ОУ„Кирил и Методиј“. Учествувавме на одбележување на 25 Мај, Денот на младоста, пред преполни трибини со граѓани на Градски стадион во Велес. Денот се одбележуваше празнично додека како ученици и ние се радувавме што сме дел од празникот. Ова е завршниот настан за кој од почетокот на второто полугодие на учебната година 1967/68 посветено вежбавме со наставниците по физичко образование. Од 15 јануари се до 24 Мај. И не само учениците од моето училиште туку и од останатите, рече Јанева.
Таа се присети дека тогаш во градот основни училишта имало четири. Тоа биле ОУ„Трајко Андреев“, ОУ„Благој Кирков“,ОУ„Јордан ХК Џинот“ и училиштето во кое Јанева или тогаш Ончева учела.
-Не ме држете за збор но мислам дека тогаш не постоеше основното училиште „Васил Главинов“. Но добро се сеќавам како откако завршивме со вежбањето во второто полугодие на учебната година, секое училиште во својата училишна сала за физичко образование, пробавме сите заедно на стадионот. Ученичките добија жолти трикоа додека учениците плави гакици и бели мајци. Така облечени настапивме. Тоа беа убави моменти и затоа се паметат, додаде Јанева.
Јанева била една од десеттиците ученици во Велес кои учествувале во програма, со која градот кој ја имаше додавката „Титов“ во името, учествувале во одбележување на празникот на младоста.
Подоцна, по повод 25 Мај, денот на младоста ученици од средните училишта исто така се подготвуваа и вежбаа за учество на манифестација со исто исто име, „слет“, кој што се одржуваше на поранешниот стадион „ЈНА“ во Белград. Тие беа учесници на манифестација, со стотици млади луѓе од различни градови на Југославија, со која што секоја година, на 25 Мај, на тогашниот претседател на СФР Југославија, Јосип Броз Тито, му се предаваше Штафета на младоста и младите му го честитаа роденденот.
Убавка Јаневска