Гимназијалците во Велес, по петти пат, му оддадоа почит на Тоше Проески

Објавено: 16 октомври, 2026, во 14:52 часот

Од училишен настан,  за пет години, прерасна во манифестација на градот Велес посветена на музичкото и хуманитарното творештво на македонската и балканска музичка легенда Тоше Проески. Средношколците на Гимназија „Кочо Рацин“  и денеска, на овој 16 октомври, одржаа музичко хуманитарниот настан „Тоше во срце те носиме“ на кој што ги изведуваа најпознатите музички хитови посветени на македонската и балканска музичка легенда. Учениците на овој начин не дозволуваат да избледат сеќавањата на музичката ѕвезда иако поголем број од нив не биле ниту родени кога Тоше ги создаваше композициите кои што тие ги изведуваа.

-Голем е бројот на Гимназијалци кои се пријавуваат да ги изведуваат песните на Тоше. И навистина не му беше лесно и едноставно на колегата по музичка уметност, Атанс Зафиров да  направи селекција од пријавени 22 ученици за потоа да ги подготви за изведување на избраните композиции на Проески. Гимназијата е расадник на музички таленти. Манифестацијата претходните години беше поддржана со учество на децата од велешката детска градинка „Димче Мирчев“ а годинава на неа учествуваа и деца од нашиот град кој што го усовршуваат своето пеење во приватната школа „Супер старс“. Убаво е да се следи и мотивираноста на нашите ученици кои сакаат да дадат придонес во пишување на сценариото на настанот што годинава прв пат го одржавме на нашата училишна бина, во училишниот двор, додека претходно се одржуваше во Афитеатар на Младински парк, рече професорката Магдалена Сарагинова.

Директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Иле Попов ја потенцираше втората димензија на настанот поточно хуманоста на Проески.

-Учениците исто така собираат и доброволни прилози. Така ја потенцираат величината на овој извонреден човек, пејач, композитор и неговата втора животна мисија, на хуманитарец. Тоше беше и симбол на надеж и љубов. Освен на денешниот настан, на кои обезбедивме штанд и каса околу која дојдоа да не поддржат волонтерите на велешки Црбен крст исто така учениците ќе ја пренесат и низ секоја училиница на нашето училиште. Сите собрани средства ќе му бидат предадени на Црвен крст за да може да ги донира на семејство во ризик кое живее во нашиот град, рече Попов.

На гимназиската манифестација посветена на 19 години од трагичното загинување на Тоше Проески велешани веќе стекнаа навика да доаѓаат. Во публика голем беше бројот на родители, професори од основните и средни училишта како и граѓани кои се почитувачи на ликот и делото на Тоше Проески.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.