Хуманитарен концерт во Велес за упокоениот хуморист и акцијаш –ветеран Војче Китановски
Вокалните интерпретатори Виданка Ѓорѓиевска, Нина Николовска, Круме Спасовски и Злате Атанасовски, групата „Соната“ од Велес со вокалната интерпретаторка Кате, КУД „Коле Неделковски“ и Ансабл „Керамичар“, „ Велешка Чалгија“, гајдаџија и македонски хумористи ќе настапат на Хуманитарниот концерт што во вторник, на 25 јуни 2024 година ќе се одржи во спортска сала на ООУ „Блаже Конески“ во Велес.
Организатори на концертот се Здруженијата на граѓани „Велешки Акцијаши“ и „Акцијаши Скопје“.
-Целта е да се соберат средства за изградба на спомен обележје за нашиот пријател, добро познат на македонската јавност хуморист и во исто време почитуван акцијаш – ветеран, Војче Китановски, во Парк на пријателство што во исто време го носи неговото име во општина Гази Баба во Скопје. На овој начин сметаме дека ќе му оддадеме должна почит, која што нашиот Војче, ја заслужи со учества на бројни доброволни младински акции во времето кога се градеше нашата татковина, Македонија, како и тогашната држава, Југославија. Исто така Војче заслужува почит и за сите негови учества во волонтерските акции кои што ние, како поранешни акцијаши а сега ветерани, ги изведувавме во Скопје, во Велес и во останати македонски градови, во последните години. Да спомнам дека Војче даваше и несебичен придонес во едукацијата на нашите следбеници, младите од основните и средни училишта, во поттикнување преку еднодневни или повеќе дневни акции да допринесуваат за почист и поуреден град, пат, парк, речен брег итн, рече Делчо Костов претседател на ЗГ„Велешки Акцијаши“.
Велешани ќе можат да купат билет за присуство на хуманитарниот концерт за Војче Китановски уште во вторник, на 25 јуни, 2024 година во периодот од 18:00 до 19:00 часот пред спортската сала на ООУ„Блаже Конески“. Концертот ќе започне во 19:00 часот.
Убавка Јаневска