Лавот кој ги испаничи кавадарчани одмара во кафез!
Не стивнуваат коментарите околу бегството на лавот од циркусот “Сафари“ .
На широко кавадарчани кои биле дел од настанот им кажуваат на своите пријатели за паниката и стравот кои ги преживеале. Велат накратко настанот може да се опише како хорор филм. Децата, но и возрасните непрекинато врискале откако лавот го напуштил кафезот и тргнал кон публиката.
“Беше страшно. Се случуваше вистинска драма. Го прегрнав син ми кога лавот се упати кон публиката. Стравував да не стане агресивно животното и да не нападне. Но за среќа брзо реагираа вработените од циркусот. Го вратија лавот назад во кафезот. Му дадоа месо, ама изгледа го стрелаа и со средство за смирување“ објаснува кавадарчанката П.Л
Од циркусот “Сафари“ не сакаа да го коментираат овој настан кој ја испаничи публиката со образложение дека постојано публиката била предупредувана да не ги фотографира животните, но речиси никој не го почитувал предупредувањето. Лавот кој што ги испанички кавадарчани на претставата во неделата вечерта, си одмараше во својот кафез. Најверојатно чекајќи го последниот настап во градот.
Потврда за настанот стигна и од полицијата. Велат за среќа не се случи катастрофа.
Унгарскиот циркус “Сафари“ веќе неколку дена е лоциран во новиот центар на градот и дневно се изведуваа по две претстави. Вечерва е последната претстава.
