Лозарите во ред чекаат за поднесување на барање за субвенции!
Со нив преполни деновиве се просториите на подрачната единица на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кавадарци.
Лозарите со барањата во раце чекаат во долги редови и по неколку часа само да ја завршат обврската која ќе им донесе дополнителни 2 денари за килограм предадено грозје во домашните винарски визби.
Досега се поднесени над 2500 барања, рекоа од подрачната единица на министерството. Лозаро производителите кои тоа сеуште не го сториле имаат на располагање само уште два дена.
“Чекам повеќе од четири часа. Морам да ги предадам документите. Многу ми значат овие средства што ги земам како дополнителен приход по основ на субвенции. Грозјето сеуште ни го купуваат за без пари и секој денар плус е значаен за лозарите„рече лозарот Страшко Кузев.
Го затекнавме како со документите под рака чека пред зградата на општината. Се пожали дека споро одела работата со поднесување на апликациите и рече дека нема да се откаже, ќе биде упорен да си го дочека редот.
Парите им се значајни и на останатите лозари кои денеска чекаа ред за истата работа.
“Се гужваме и со часови чекаме, но што да се прави.Ниска е откупната цена, па сега со овие пари ќе закрпиме некоја дупка во домашниот буџет. За нас земјоделците секој денар е добредојден“ ни рече друг лозаропроизводител.
За да дојдат до субвенцијата од 2 денари за килограм грозје предаден во домашна винарска визба лозарите покрај барањето треба да достават и оригинални откупни белешки од винаријата каде го продале грозјето.
