Цената на водата створи кавга меѓу советниците
Кој и зошто гласал за покачување на цената на водата за пиење.
Скоро еден час за ова дебатираа советниците при кавадаречкиот совет денеска попладне, разгледувајќи го извештајот за работењето на ЈП “Комуналец“ во рамки на 59 та седница.
Советникот Панчо Минов со препорака да се разгледа можноста за поевтинување на водата за пиење, бидејќи Комуналец е со добри финансиски резултати, а и поради тоа што инвестициите во водоводната мрежа и за решавање на водоснабдувањето биле со средства од Европската банка, а не од касата на комуналното претпријатие. Обвини дека се наплаќаат стари долгови и по 10-15 години иако немало правен основ за тоа, се со цел да се полнат џебовите на извршителите, а на штета на граѓаните. До него стигнале и поплаки од граѓаните дека добивале енормно повисоки сметки и поради фактурирање на вода која никогаш не била потрошена.
Градоначалникот Александар Панов одговори дека нема потреба од додворување кон граѓаните, бидејќи секој долг мора да биде платен. “Мили ми се граѓаните, но исто така мила ни е и државата. Затоа мора да се почитува законот и да се плаќаат сметките за вода. Неможе како во социјализмот да плаќаат само тие што можат. Не требаат само празни додоворувања“ вака одговори градоначалникот Панов на дискусијата на Минов и додаде дека предлогот за намалување на цената на водата ќе бил разгледан и анализиран.
Според советникот Ташо Радњански околу 40% од граѓаните не се во можност да си ги платат сметките бидејќи живеат во сиромаштија.
И покрај жешките дискусии сепак извештајот за работењето на ЈП Комуналец ја доби подршката на советот.