Нов обид да се реши сообраќајната џунгла на кавадаречкиот асфалт!
Полицијата и превозниците од јавниот превоз во Кавадарци повторно расправаа за сообраќајниот хаос во центарот на градот.
Тие утврдија дека сеуште најпроблематично е да се вози по улиците “Илинденска“, “ЈНА“, “7 ми септември“, “Пано Мударов“ и “Цано Поп Ристов“.
Сообраќајните полицајци беа незадоволни бидејќи и по две години од секојдневното превенирање возачите се недисциплинирани и паркираат кој каде сака а најчесто на места кои се обележани како автобуски постојки или за такси возилата во градот.
“Се казнуваат сите непрописно паркирани возила. Нашата цел е да се воведе ред во сообраќајот, но потребна ни е помош и од локалната самоуправа“ рече инспекторот за сообраќајни работи, Диме Крстев.
Негодуваа и превозниците. Бараа да се воведе ред во паркирањето во градот. Бидејќи најчесто постоечките паркинг места за такси возилата се зафатени превозниците побараа општината да обележи допонителни места за паркирање, а полицијата почесто да ги контролира дивите такси превозници.
Легалните таксисти своите забелешки ќе ги напишат и деновиве ќе ги испратат до полициската станица во Кавадарци и до локалната власт. Ним полицијата им вети дека во наредниот период ќе ги зголеми контролите над “дивите“ со цел да им помогне на лиценцираните превозници да работат без проблеми.
