Рурален туризам ќе се изучува во средно во Кавадарци!
Од септември да се отвори нова насока за рурален туризам во СОЗШУ “Ѓорче Петров“ во Кавадарци бара деканот на факултетот за туризам и бизнис логистика при штипскиот универзитет, д-р Наќо Ташков.
Тој за оваа иницијатива денеска дојде да разговара со градоначалникот на Кавадарци. Штом учениците ќе го завршат средното образование деканатот на Штипскиот универзитет ќе отвори и дисперзирани студии во Кавадарци. Првично оваа иницијатива треба да се реализира со тоа што учениците наставата би ја следеле во средното општинско земјоделско шумарско училиште.
“Моите податоци велат дека Кавадарци би бил лидер. Секогаш се борам образованието да оди напред но, според потребите и можностите на регионите. Тука ќе има успеси, важно е да го направиме првиот чекор. Има услови за квалитетна настава со што сучениците ќе добијат квалитетно образование бидејќи ваков профил му е потребен на градот. Руралниот туризам е европски и светски тренд, поточно бренд во светот а во Македонија недостасуваат квалификувани кадри. Кавадарци има потенцијал за развој на рурален туризам почнувајќи од Кожув па се до Тиквешкото Езеро. Знаме дека има колеги кои можат да се вклучат во образованието на оваа насока“, рече деканот на факултетот за туризам и бизнис логистика при штипскиот универзитет, д-р Наќо Ташков.
Веќе во понедлник оваа идеја ќе се најде на дневен ред на седница на кавадаречкиот совет. Потоа општината ќе достави барање до Министерството за образование и наука за обезбедување на простор за работа на паралелката во склоп на Средното општинско земјоделско шумарско училиште “Ѓорче Петров“.
“ Ова е прв чекор и штом се реализира ќе се обидеме комплетно да му удоволиме на факултетот во Штип. Општина Кавадарци е една од најголемите територии што изобилува со убавини и туристички предности. Затоа повеќе од оправдано е во вој регион да привлечиме многу ученици кои ќе се образуваат во средно, а потоа и на факултет“ рече градоначалникот Александар Панов.