Отпорот во Кавадарци: “Земјоделците ги направија социјалци“!
Со тапани и сирени, со извици да си замине актуелната власт, вечерва, кавадарчани масовно излегоа на протестен марш.
Отпорот започна од кај основното училиште “Гоце Делчев“. Се обиколи централната улица на Кавадарци,а граѓанскиот парламент се одржа на градскиот плоштад. Голем број граѓани и се приклучија на поворката од отпорот за да стигнат до плоштадот. На чело беа потпретседателот на СДСМ Зоран Заев, пратеникот Боре Ставров, кандидатот за градоначалник на опозицијата за Кавадарци, Бетиан Китев и претставници на сите опозициони партии.
“Имаме вредна цел пред нас. Ќе победиме во оваа битка оти Македонија е во прашање“ ваква порака им упати на кавадарчани Зоран Заев. Тој говореше за тешката состојба во која се наоѓаат граѓаните и ги повика сите неопределени да застанеле на браникот на слободата и демократијата. Според него било срамно во 2013 година да се води битка за основна слобода и демократија. Рече дека народот се повеќе се храбрел и излегувал да пружи отпор против ненародната власт.
“Се повеќе народ ни се приклучува во отпорот. Велат нема што да ни земат. Само душата ни остана. Секој родител нема пари да им даде на децата за на училиште. Луѓето немаат пари да ги прехранат фамилиите“ нагласи Заев.
“Преку писки ни е од Груевски. Време е да си оди,“ ваква порака испрати пратеникот од Кавадарци Борче Ставров. Власта, според него, била виновна што народот е испокаран меѓу себе и што се повеќе млади ја напуштаат земјава. Изнесе податок дека во последните 5 години поради сиромаштија и подобри услови за живот од земјава си заминале 460.000 млади луѓе. “Тое е најголемиот егзодус на македонците“ рече Ставров.
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Бетиан Китев обвини дека власта наместо храм на демократијата го претворила парламентот во срам за демократијата. Рече дека земјава ќе тргнела на прав пат само доколку се одржат предвремени парламентарни избори на кои народот ќе кажел кој требало да ја води државата. Убден е дека на слободни и демократски избори опозицијата ќе ја добиела подшката на граѓаните.
На граѓанскиот парламент говореше и професор по труба во музичкото училиште кој иако го завршил факултетот со просек 10-ка, донел неколку инвстиции и донации за училиштето, а како награда добил отказ од работа.
“Јас лично ја осетив чизмата на диктатурата.Партиските вработувања направија хаос во образованието, а непотизмот царува. Образованието им е доверено на партиски послушници кои што не се компетентни за својата работа“ обвини професорот Пере Мелов, кој иако добил понуда за работа во Норвешка се вратил во својот роден град.
“2 денари ни даваат 20 ни земаат. Од нас земјоделците направија социјални случаи, “ рече Димо Станоев, лозар од Кавадарци.
Здружената опозиција ги повика кавадарчани во недела да се приклучат на големиот марш на отпорот кој ќе се одржи во Скопје.