Стихијно се садат лозови насади во тиквешко!
Во тиквешијата продолжува стихијното садење на виновата лоза.
Стручњаците велат дека воопшто не се води грижа дали површината каде се подига новиот лозов насад одговара на сортата што се сади, ниту пак се внимава за тоа на каква почва која сорта се сади. И лозарите се согласни дека малку ја применуваат науката во подигањето на нови површини.
“Најчесто ми се чини дека се садат трпезни сорти на грозје оти мислам дека полека доаѓа времето на десертните сорти на грозје. Грозјето од тие сорти се бара но, што е најважно се плаќа веднаш. Нема потреба да се чекаат визбите со години како што е случај со винското грозје. Поради зголемената побарувачка за смедеревка минатата година, оваа година се сади и оваа сорта. Лозјата се долгогодишни насади и не можеш од година во година да одлучуваш што ќе посадаш во нивата. Така да ризикот е голем ако посадаш винови лози за кои подоцна се покаже дека си направил утка со сортите“ рекоа лозарите со кои разговаравме на оваа тема. Тие се лути што државата воопшто не им излегува во пресрет со едукација што да садат и што се бара.
Во тиквешко сеуште се памети измамата што им се случи на лозарите пред некоја година. Им се советуваше да садат висококвалитетни сорти кои сега се откупуваат во ист кош со смедеревката и вранецот како бело и црно грозје.