Овчарски кучиња им ги напаѓаат загарите на ловџиите
Ловџиите од кавадаречко се жалат дека овчарски кучиња им ги напаѓаат загарите. Со тоа им бил отежнат ловот но и во голема опасност биле нивните ловџиски кучиња во кои многу инвестирале. Бараат да се надмине проблемот но не знаат кој е вистинскиот начин.
Ловџијата Ристе Мелов се пожали дека неговиот загар неодамна бил нападнат во ловиштето од големо овчарско куче. Буквално загарот бил распорен од чуварот на стадото.
“Жално беше да се гледа како му беше целиот стомак распорен. Куче обучено да лови кое вреди најмалку 500 евра беше за никаде. Морав да го носам на ветеринар за да го сошијат. Сега морам да чекам да заздрави но се сомневам дека ќе сака да излезе од дома оти кутрото преживеа невиден стрес и сега се плаши“ рече Мелов.
Од ловечкото друштво “Тиквеш рекоа дека се запознати со проблемот на кои многу често се жалеле ловџиите. Проблемот бил од поодамна. Рекоа дека плаќаат за ловиштата концесија но сепак неможат мирно да одат на лов. Свесни се дека и сточарите плаќале за напасување на стоката но бараат решение на проблемот со кој се сретнуваат.
Законот пропишал дека имателот на овчарско куче не смее да дозволи движење на кучето во ловиштето, на далечина поголема од 200 метри од стадото без придружба, односно сопственикот на куче или мачка не смее да ги пушта да се движат низ ловиштето без придружба на далечина поголема од 300 метри од живеалиштето на сопственикот.
Од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека според Законот за ловство треба паралелно да се развиваат сите стопански дејности на човекот, во конкретниот случај, ловството и сточарството. Оттаму укажуваат дека според истиот закон имателот на овчарско куче не смее да дозволи движење на кучето во ловиштето, на далечина поголема од 200 метри од стадото без придружба.