Изборна треска во Кавадарци!
Засега пет кандидати за градоначалник и исто толку независни листи за советници. Апетитите секојдневно се зголемуваат и бројот до 9 февруари може да се зголемува.
Се загрева политичката сцена во Кавадарци во пресрет на локалните избори. Неколку кандидати за градоначалник и повеќе советнички листи ќе учестуваат во трката за прв човек на градот и место во кавадаречкиот совет. Во тек е собирањето на потписи со кои се поткрпуваат независните кандидатски листи за градоначалник и советници.
Засега е официјална единствено кандидатурата на Бетиан Китев од Сојузот за иднината. Ташо Радњански за еден ден успеал да ги собере потребните 250 потписи. “Им благодарам на граѓаните. За само неколку часа вчера зад нашата листа застанаа 400 граѓани“ рече Радњански.
Во тек е собирањето на потписи за уште три советнички листи и една кандидатура за градоначалник. Потписи од граѓаните за подршка на кандидатурата собираат Ристо Сакалиев, советник во сегашниот совет на општина Кавадарци, Зоранчо Бојковски од “Граѓанска опција за Кавадарци “ ги собира потребните потписи за градоначалничка кандидатура и советничка листа. Кандидатура за градоначалник најави и поранешниот лидер на лозарите Борис Давидов, но сеуште ја нема започнато постапката за собирање на потписи.
За татко на градот кандидатура најавува и поранешниот градоначалник на Кавадарци во два мандата, Панчо Минов. Тој ќе има и независна листа за советници.
Засега единствено многу се шпекулира со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Тактизирањето на владеачката партија продолжува и најверојатно се чека последниот рок за објавување на кандидатот. Засега се шпекулира дека подршката на раководството може да ја добијат или актуелниот градоначалник Александар Панов или претседателката на ОК, Горица Пеливанова. Но деновиве се почесто кавадарчани коментираат дека можно е да се случи и изненадување.
Во Државната изборна комисија подрачно одделение Велес канцеларија Кавадарци во тек е увидот во избирачкиот список и собирање на потписи за поднесените кандидатски листи.
Кавадарчани ќе гласаат на 54 избирачки места . Сеуште се утврдува избирачкиот список, според сегашната ситуација околу 33.000 граѓани се со право на глас.
“ До денес има поднесено три кандидатури за советнички листи и една заградоначалник. Двесте и педесет потписи се потребни за градоначалник и советничка листа. Голем е интересот за увид во избирачкиот список од страна на граѓаните споредено со минатите избори.“ рече Ванчо Велевски одговорен во канцеларија на ДИК во Кавадарци.