Симболично закроени лозјата во Кавадарци!
Околу 7000 лозарски фамилии од Тиквешијата денеска го славеа нивниот заштитник Свети Трифун. Се закроија лозите, се натопија со вино и ракија за бериќет и родност. Министерот за земјоделство Димовски со оценка дека полека се премостуваат проблемите меѓи лозарите и винарите.
Во храмот Свети Димитрија, каде присуствуваа голем број верници се отслужи света архиерејска литургија, а Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел, на Бегалничката Иларион и епискотот Јосиф симболично ја закроија црковната лоза. Овој обичај на лозарите го почувствуваа и претставниците на дипломатскиот кор и претставници на општина од Измир – Турција.
Државниот врв денеска заборави на лозарите. Ниеден државен претставник денеска не дојде во Кавадарци да му честита на лозарите и да му посака успешна работа, бидејќи на овој ден и симболично започнуваат лозарските работи во новата производна година.
На плоштадот во Кавадарци винариите имаа свои штандови. Седегустираа вина и ракии, а Сузана Спасовска се обиде да ги развесели лозарите и оттргне од секојдневните грижи околу неисплатеното грозје.
„Пак почнуваме да работиме во лозајата, а сеуште не ни е исплатено грозјето. Немаме земено ниту субвенции. Така ја туркаме на вересија. Кој знае до кога ќе може да издржиме вака. Мора нешто да се превземе за да ние лозрите живнеме малку и како што порано славевме да можеме и сега да се опуштиме на овој ден“ рекоа лозарите од Кавадарци.
Многу квалитетна и богата реколта на грозје како и успешен пласман на домашното вино очекува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски. Тој денеска беше на закројување на плантажите на винарската визба „Тиквеш“ во неготинското село Курија, а потоа во винаријата „Стоби“. Во врска со проблемот на лозарите и неисплатениот род во „Винеа“, Димовски рече дека министерството дава подршка за надминување на проблемот.
Денеска заштитникот на лозарите Свети Трифун се чествуваше и во Росоман. Симболично беше извршено закројување на плантажите на „Душан Ќириќ“. Сопственикот Ќире Шошев ја негува традицијата и рече дека верува во Бога и од него очекува бериќетна година.
И годинава традиционално Свети Трифун го одбележаа пензионерите во Кавадарци. На гости им беа 500 пензионери од земјава, а со нив беше и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски. /А.Д