Урбан Инвест поднесе кривична пријава против Стевче Јакимовски!
Кавадаречката компанија во кривичната пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје, го сомничи градоначалникот Јакимовски за злоупотреба на службената положба и овластување како и за коруптивно однесување при доделување и реализација на договор за јавна набавка.
Урбан инвест кривичната пријава ја поднесе и до Државната комисија за спречување на корупција.
„Од ваквиот коруптивен начин на работа на општина Карпош и нејзиниот градоначалник Стевче Јакимовски, во врска со доделувањето и реализацијата на договор за јавна набавка на работите за реконструкција на плато Млечен ресторан, оштетен е Урбан инвест. Во случајов повреден е законот за спречување на корупција односно правото на слободен настап на пазарот и слободниот натпревар без страв од можноста да се биде жртва на монополско или дискриминаторско однесување“,рече Александар Сеизов од Урбан Инвест.
Сеизов појасни дека во текот на реализацијата на договорот за јавна набавка увиделе дека има неправилности,плочките кои ги наместила конкурентска фирма не биле согласно потребните карактеристики,станувало збор за терацо плочки наместо гранитни како што стоело во тендерот.
„Плочките не се според тендерската документација и со тоа пријавениот овозможил изведувачот да се стекне со имотна корист.Со ова,на ваков начин оштетена е и општината и Урбан инвест па затоа поднесовме кривична пријава“,рече Сеизов.
Од општина Карпош велат дека кавадаречката фирма во текот на работата се однесувала неодговорно, неорганизирано и работела со несоодветен стручен кадар. Затоа неколку пати била повикана на усни состаноци во Општината, а била предупредена и во писмена форма. Потоа кога утврдиле дека гардежните работи нема навреме да завршат решиле да го раскинат догворот и да побараат отштета.
Сеизов, ваквите обвинувања од страна на општина Карпош, одлучи да не ги коментира./Б.Н.Т