СДСМ: “Власта почна со кампања спротивно на законот и врши притисок“
СДСМ денеска ја обвини локалната власт во Кавадарци дека предвреме ја започнала предизборната кампања и ги прекршила законот за средно образование и изборниот законик.
СДСМ на прес конференција упати прашање и до кандидатите за градоначалници и советници кои се декларираат како опозиција зошто досега не изреагирале за кршењето на изборниот законик. Поради тоа во СДСМ сметаат дека тоа било вештачки создадена опозиција бидејќи 30 дена Груевски силите ги насочил да создаде вештачка опозиција.
“Ако се вистинска опозиција и ако имаат капацитет за политичка борба со ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваме зошто не излезат во јавноста да изреагираат и како опозиција да поднесат пријави и обвиненија за прекршување на изборниот законик од страна на актуелниот градоначалник и кандидатите на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со одржување на состаноци во јавните претпријатија и државна администрација во тек на работно време“ прашаа на прес социјалдемократите од Кавадарци и констатираа дека е направен скандалозен прекршок на членот 7 од законот за средно образование.
Обвинуваат и дека агитирањето не било само по средните училишта туку и во УЈП, Водостопанство, Агенцијата за вработување и други институции. Политички се промовирале, а на вработените им бил вршен притисок и тоа пред да почне кампањата. Од СДСМ рекоа дека може само да се замисли што ќе работела власта за време на изборната кампања, бидејќи притисок се вршел и врз бизнисмените и сопствениците на дуќани.
“Тој притисок е уште еден од безбројните примери на закани и уцени од страна на ВМРО-ДПМНЕ врз сопствениот народ но и во исто време мотив на граѓанитеда им покажат и докажат дека личното достоинство и личниот интегритет е поголем од било какви закани и притисоци“ рече Зоран Бањански, секретар на ОО СДСМ Кавадарци на пресот, додавајќи дека за предвремените предизборни активности на власта СДСМ веќе ги известил ОБСЕ и ОДИХР како и сите други надлежни институции за да покренеле постапка за казнување на прекршителите на изборниот законик.Беше упатена порака и до МВР дека немало потреба секојдневно да ги слика, бидејќи активностите на опозицијата биле јавни и следени од медиумите./ А.Д