Кавадарци: Водата е исправна, не е потребно превривање!
По неколку дневна препорака за задолжително превривање на водата за пиење од водоводниот систем Лукар, од денеска водата може слободно да се пие.
Резултатите од анализите покажале присуство на хлор во водата, а ја нема повеќе и жолто-кафената боја која говореше за тоа дека водата е помешана со кал.
Од Центарот за јавно здравје Кавадарци денеска рекоа дека препораката за превривање е отстранета бидејќи водата била исправна согласно правилникот за квалитет на вода.
“Резултатите од анализата на последните земени мостри покажаа дека сите параметри се нормализирани. Водата е бактериолошки и хемиски исправна. Сега без превривање вода може да пијат и жителите на Неготино, бидејќи и тие се приклучени на Лукар“ рече за “Дума“ д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје.
Заматување на водата се случува секогаш кога има поројни дождови или пак се топи снегот од Кожув. Кавадарчани и неготинци веќе се навикнаа на честите промени на квалитетот на водата, па многу од нив велат дека по некогаш и не им пречи да пијат каллива вода. Но најголем дел од граѓаните додека водата од водоводниот систем е заматена пијат минерална вода. Но според правилникот за квалитет “Лукарката“ е меѓу најдобрите води во Македонија./ А.Д