Тиквешко езеро затрупано со пластичен смет!
Огромна количина шишиња пловат по површината на тиквешкото езеро покрај хидроцентралата “Тиквеш“.
Тие се дел од количината со смет што несовесни граѓани ја оставаат на брегот на езерото.
Сега кога се зголеми нивото на водата во акумулацијата, поради топењето на снегот и обилните врнежи од дожд, шишињата се наоѓаат по целата површина на водата до крајбрежјето.
Граѓаните од околните села велат дека греота е ова што му се случува на езерото.
„Револтирани се од еколошката катастрофа со која се соочува водата и сметаме дека треба да се повикаат на одговорност сите кои придонесоа за оваа страшна и грда глетка. Треба да се казни ова злодело врз природата.“
„На Тиквешко доаѓаат да рекреираат луѓе не само од Тиквешијата туку и од другите региони во државата, гости од странство, ваква ли треба да биде глетката со купишта пластични шишиња,“ коментираа револтирани граѓани кои ги затекнавме покрај езерото.
А токму таму пред извесно време акција за чистење на езерскиот брег имаа кавадаречките екологисти. Тогаш “Еко-живот” го исчисти брегот од купишта смет и отпад.
Денеска искоментираа дека сеуште има граѓани со ниска еколошка свест на кои не им е важно што ја загадуваат природата.
„Апелираме до сите несовесни граѓани кај нив да проработи еколошката свест и да поведат повеќе сметка за своето однесување оти од нивното невнимание последиците ги чувствуваме сите ние,“ рече Роберто Паризов, претседател на “Еко-живот”. /А.Д