Александар Панов ја претстави изборната програма пред кавадарчани!
Под мотото “Нови дела за нов напредок-нови дела за подобра општина Кавадарци промовирана изборната програма на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци, Александар Панов.
“Формирање нова, трета индустриска зона и гасификација на Кавадарци, изградба на деловен трговски центар на местото на сегашниот градски пазар, реконструкција на дистрибутивната мрежа за водоснабдување, санација на фасадите на сите згради во центарот, доизградба на кеојот на реката Луда Мара, аква парк, реконструкција на локални улици и патишта“, ова се дел од 166 проекти кои ги најави Панов на синоќешната промоција на изборната програма. Ова е понудата до граѓаните од кои Панов ќе ја бара подршката за локалните избори на 24 март.
“Кога е во прашање компетенцијата, можам да одговорам на сите надлежности. Оваа програма е различна од првата и е работена со големо искуство на целиот тим. Истата ќе придонесе за доброто на Кавадарци бидејќи е помината и низ владините институции“ рече Панов. Тој во своето обраќање се осврна и на досега сработените проекти.
Подршка на кандидатот за градоначалник му даде и членот на извршниот комитет, Владимир Пешевски кој пред кавадарчани ја нагласи големата заложба на Панов за решавање на проблемот на лозарите.
“Во оваа програма има проекти за сите населени места, за цела општина Кавадарци. Земјоделците можат да сметаат на нашата подршка и понатаму“ рече Пешевски.
Претседателката на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци и носител на советничката листа, Горица Пеливанова-Вилхелм рече дека партијата во Кавадарци била едно големо семејство, а членството се зголемило за три пати откако таа станала прв човек на кавадаречкиот комитет./ А.Д