„Винеа“ сеуште не го плати грозјето. Лозарите се подготвуваат за нова буна!
Лозарите повторно ќе излезат на лозарска буна, ако во најкратко време не ги добијат парите за предаденото грозје за 2009, 2010 и 2011 година.
Поминаа повеќе од десет дена од датумот на кој се обврза винарската визба “Винеа“ дека по поништувањето на продажбата ќе го исплати долгот кон лозарите. Тие се лути и понижени што визбата продолжува да ги лаже и манипулира и понатаму.
„Беше договорено тие пари да бидат исплатени заклучно со 5 март а тоа не се случи. Секој ден проверувам на трансакциската сметка, пари нема. Побарувам над десет илјади евра“ се жали Воислав Стошиќ, лозаропроизводител од росоманското село Сирково.
И првиот лозар, претседателот на “Агротиквешија“, Љупчо Аризанов објаснува дека исплата имало но, динамиката не го задоволувала договореното.
„Вистина е дека исплатата доцни и не се почитува докрај ветеното зашто таа требаше да заврши до петти овој месец. Ние не сме задоволни од динамиката на таа исплата но, засега не можам да кажам што точно ќе преземеме за извршиме притисок, плаќањето на заостанатите обврски кон лозарите да се забрза. Конечната одлука ќе треба да се донесе на ниво на “Агротиквешија“рече Аризанов.
Пред околу еден месец лозарите го блокираа патот Градско – Прилеп кај Росоман во знак на револт и со цел да извршат притисок кавадаречкиот суд да ја поништи продажбата на “„Винеа“ бидејќи била незаконска. Тоа го потврди судот, а лозарите од сопственикот Горан Трајков добија уверување дека до пети март ќе им ги исплати побарувањата.
Долгот од „Винеа“ не е единствен кон лозарите. И други винарии должат, а сеуште не е исплатено и грозјето од минатогодишната реколта./ А.Д