Конечно, Никола Минчев доби спомен биста во алеата на великаните!
Кавадарци ја доби алеата на великаните во паркот кај кавадаречката полиција . Овде ќе бидат дислоцирани спомен бистите на паднатите борци од Кавадарци и околината. Овде се постави и првата биста на Никола Минчев, еден од најистакнатите кавадарчани, учител, борец, револуционер.
Минчев е една од најзначајните политички фигури што ги дало Кавадарци.
Во присуство на сопругата на Минчев, Нада Минчева, останати членови на семејството и голем број кавадарчани беше откриена спомен бистата. Општина Кавадарци после толку години се сети да оддаде почит на овој голем кавадарчанец. За неговиот живот и дело говореше Петре Камчевски, директор на Музеј галерија Кавадарци.
„ Роден е во Кавадарци на 2 ноември 1915 година во револуционерно семејство. Во 1938 година станал народен пратеник. Учесник е во НОБ. Бил член на месниот комитет на Кавадарци, член на петиот областен комитет, командант на тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“. Во октомври 1943 е избран за делегат на второто заседание на АВНОЈ.Бил дел од првото заседание на АСНОМ. Во 1945 кога е формирана првата влада на Република Македонија е избран за прв министер за образование. Ја потпишал првата македонска азбука и правопис. Од 1955 до 1965 е на работа во Белград во Сојузниот извршен совет. Ги завзема највисоките функции. Избран е за министер за финании на Југославија. Во 1965 се враќа во Македонија . Бил претседател на Владата на Македонија и претседател на собранието на република Македонија. Иако бил на високи функции никогаш не го заборавил Кавадарци. Силно лобирал да бидат изградени врвни стопански капацитети, како ХЕЦ Тиквеш, ДИК Страшо Пинџур, а најголема е неговата заслуга за изградба на комбинатот „Фени“рече Камчевски.
Нада Минчева, сопруга на Никола, исто така по потекло од Кавадарци, поранешна професорка во пензија, учесник во НОБ, го опиша својот сопруг како мошне тивок човек кој не сакал да се наметнува во јавноста и да ја експонира својата фамилија.
„Беше многу посветен на Македонија, а за Кавадарци и да не зборувам. Презадоволна сум што во неговиот град се постави спомен биста, за да можат да научат за неговото значење и младите генерации“ рече Нада Минчева.
Со својата богата и плодна активност, Никола Минчев во текот на целиот свој живот давал значаен придонес во изградбата на Република Македонија. Функцијата претседател на Собранието на Република Македонија ја извршување со голем успех од 23 септември 1968 до 6 мај 1974 година. Почина на 6 април 1997 година. Одликуван е со високи признанија за значаен придонес за изградбата на Република Македонија./ А.Д