Згрижувачки дом за деца во социјален ризик!
За прв пат во земајава, денеска во Кавадарци беше отворен мал групен дом за деца во социјален ризик во Македонија. Првично во малиот групен дом во Кавадарци ќе бидат згрижени од 5 до 8 деца.
„Кавадарци е познат по голем број револуционерни процеси, а ова е уште еден од нив. Ние и натаму продолжуваме со процесот на деинституционализација. Ова е помала форма на згрижување на децата во социјален ризик каде што ќе се обезбеди многу поголема грижа за овие деца. Ваквиот начин на сместување, според наше убедување, но и според праксата во земјите од Европската Унија покажува дека е подобрен квалитетот на раст и развој кај децата кои во одреден период од својот живот имале психосоцијални проблеми. Ова е мотив вакви домови да се отворат и во други општини во услови кога се има поддршка од локалните самоуправи. Се надевам дека примерот ќе го следат другите, а најголема придобивка ќе имаат младите “, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој го отвори групниот дом.
Децата кои ќе бидат згрижени во овој дом ќе имаат можност за контакт и за своите родители. Стручните тимови покрај што ќе работат со децата, паралелно ќе работат и со нивните родители.
Преку центрите за социјални работи Министерството ги детектира децата во социјален ризик. Станува збор за деца со послабо поведение, агресивност кон другите и слично.
„Ваквиот начин на згрижување дава резултати оти директно се работи со помала група на деца. Со нив ќе работи стручен тим под надлежност на Центарот за социјални работи. Овде децата ќе бидат сместени од шест до 18 месеци. Доколку не се подобри нивното однесување се применуваат дополнителни методи. Паралелно додека се работи со нив ќе се работи и со нивните биолошки семејства, а децата подоцна можат да бидат и посвоени. Неспорно е дека во најголем број случаи нарушувањето на воспитно социјалното однесување кај ваквите деца е резултат на нивните биолошки семејства“ рече Ристовски.
Реализацијата на овој проект ја помогна и општината./ A.Д