Конечно, почна реконструкцијата на патот Кавадарци – Мушов гроб
По неколку месечно одлагање на градежните работи конечно започна поправката и на локалниот пат од Кавадарци кон Мушов гроб. Од ЈП за државни патишта велат дека ја раскинале соработката со првоизбраниот изведувач незадоволни од неговото ангажирање. Му ги активирале банкарските гаранции и сега кога работата ја добила градежната фирма Гранит асфалтирани биле првите 5,5 км од регионалниот пат со должина од 16,5 км. Патот го поврзува Кавадарци со Тиквескиот дел од Мариово на планината Кожув и Козјак.
– Очекувам Гранит, согласно динамиката за работа, патот да го изгради во наредните 4 месеци а можно е и порано. Обезбедени се парите за изградба на патот. Инвестицијата чини 145 милиони, рече директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.
Овој регионален пат е еден од вкупно четирите во Македонија кои останаа неизградени и покрај тоа што за нив се обезбедени сретства. Тие се со вкупна должина од неполни 100 километри./А.Д