Наводнувањето со прскалки под далноводи може да биде опасно!
„Сопствениците на земјоделски површини да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување во близина на далноводи од преносната мрежа. Ве молиме да бидете особено внимателни при поставување на прскалки со кои се наводнуваат култури на земјоделски површини низ кои поминуваат далноводите со кои управува МЕПСО“.
Ова е апелот што македонскиот електропреносен систем оператор денеска го упати до земјоделците од Тиквешкиот регион, со цел да не дојде до фатални последици по нивниот живот.
Многу земјоделски површини се наоѓаат под елеткричните далноводи, а сега во сезона на наводнување земјоделците мало невнимание може да ги чини живот. Поради тие причини мора да покажат поголемо внимание и будност додека ја поставуват опремата за наводнување.
„Апелираме особено земјоделците да внимаваат на следните опасности: Прскалките за наводнување никогаш не ги поставувајте на трасата на далноводот под проводниците кои пренесуваат електрична енергија и во близина на далноводите. Со тоа го загрозувате сопствениот живот и животите на сите кои се во близина, а воедно ја загозувате и доверливоста на електроенергетскиот систем. Направете добра проценка на височината на водениот млаз од прскалката и на правецот и јачината на ветерот пред да ги вклучите прскалките. Допирот на водниот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на лицето кое се наоѓа под трасата на далноводот“ рече Никола Стојанов, портпарол на МЕПСО на денешната прес конференција што ја одржа во Дуброво каде се наводнуваат поголеми површини со распрскувачи под далноводи.
Исто така МЕПСО апелира до земјоделците да не ги палат стрништата во близина на нивната преносна мрежа, бидејќи тоа би било потенцијална опасност за штета на опремата и далноводот./ А.Д