Средношколец од Кавадарци собира големи награди на меѓународни олимпијади!
Ќе биде трета година во кавадаречката гимназија, а веќе зад себе има големи успеси на светски натпревари. Средношколец кој ја сака науката, кој сака да истражува, но и да се докажува. Ѓорѓи Шемов донесе сребрен медал од меѓународна олимпијада што неодамна се одржа во САД. Наградата ја доби за својот проект за најпознатиот македонски рудник во светски рамки – Алшар.
“Едноставно не постојат зборови со кои можам да го опишам чувството да се натпреваруваш со твои врсници од цел свет. Неколку пати бев на терен. Пронајдов два ендемични вида растенија (Violla Asharica и Tymus Alsharensis). Потоа одев во универзитетска лабораторија за да видам кои елементи се присутни во нив. Се потврди дека тоа се растенија единствени од таков вид на Балканот – кои не можат без талиум иако тој е еден од најтоксичните елементи. Присуството на талиум кај нив беше тројно поголемо од дозволеното. Затоа сите животни од околните села умираат ако пасат од нив“ рече Шемов изнесувајќи ги импресиите од натпреварот, но и подготовката на проектот што му донесе сребрен медал, диплома, сертификат, таблет, но, и стопроцентна стипендија за студирање на њујоршките универзитети. Вели дека има уште време да размисли каде ќе продолжи со високо образование по завршување на средното. По успехот на олимпијадата годинава размислува кој следен проект да го подготви и аплицира.
Успехот што во САД го постигна Шемов е огромен, бидејќи на Олимпијадата имало аплицирано над 800 проекти од целиот свет. Од нив во финале биле прифатени само 324. Шемов минатата година освои бронза на истиот меѓународен натпревар со проект од областа на биологијата во кој стана збор за загадувањето на Тиквешкото Езеро. Тогаш за награда доби „ајпад“ и дипломи, како и стипендија за четиригодишно студирање на универзитетите во Њујорк во вредност од 16 илјади долари годишно или 70 проценти од вкупните трошоци за студирање.