Педолошката анализа на почвата дава поголеми приноси и квалитетен род!
За квалитетно земјоделско производство задолжително е да се направи педолошко испитување на почвата. Земјоделците иако добиваат субвенции за оваа мерка сепак ја занемаруваат. Експертите велат дека анализата на почвата е особено важна при подигањето на нови повеќе годишни насади за да биде економски оправдана новата инвестиција. Според нив, ова мерка посебно треба да ја применуваат лозарите и овоштарите кои подигнуваат нови лозови насади и издвојуваат многу пари за инвестицијата.
Независно од климатските промени кои од година во година се се` поизразени, контролата на плодноста на почвата е неопходна за да се види застапеноста на хранливите елементи, хумус, реакција на почвата и присуство на карбонати, се зависно од видот на земјоделската култура, велат експертите.
Иако педолошката анализа на почвата се субвенционира и со пари од програмата за подршка на земјоделското производство, земјоделците сепак знаат да ја занемарат, да ѓубрат , наводнуваат по традиционално убедување, со што прават огромна грешка.
Без добро познавање на почвата не може да се примени ниту една агротехничка или мелиоративна мерка, едноставно не може да се направи правилен избор на култури кои успешно ќе се одгледуваат според условите на теренот.
“Многу е добро тоа што државата дава пари за подршка на земјоделството, но многу важно е земјоделците тие пари да ги насочат во развојот на земјоделството. Ако сакаат квалитетно производство земјоделците мора да направат педолошка анализа за да правилно ги планираат сите операции. Да знаат со колкава количина и какво ѓубре е потребно за да се наѓубрат насадите. Бидејќи со фрлање на минерални ѓубрива по слободна проценка, „од око“ ја уништуваат структурата на почвата“ рече проф. Д-р Ристо Вучков.
Според неговите кажувања во последниот период растел бројот и на земјодлеци од Тиквешијата кои се интересирале како да земат почвена проба и да се изврши нејзино испитување./А.Д