Опозицијата бара ѕвезди на Тиквешки гроздобер!
И годинава во Кавадарци ќе се слави грозјето и виното. Од 13 септември ќе започне културно-стопанската и туристичка манифестација „Тиквешки гроздобер„ и ќе трае до 15-ти. Кавадаречкиот совет ја усвои програмата во која се содржани планираните активности за годинешната манифестација. Со два милиони денари од буџетот ќе се покриваат трошоците за неа.
Советниците од опозицијата не се согласуваат со сегашниот концепт по кој се реализира Тиквешкиот гроздобер. Му предложија на градоначалникот да се посвети поголемо внимание за оваа манифестација. Да се носат атрактивни естрадни уметници кои ќе привлечат повеќе посетители. Забележаа дека досега манифестацијата не е доволно рекламирана во националните медиуми и дека треба поголема промоција за повеќе гости. Речиси во сите дискусии се правеше споредба со Пиво фестот и Струмичкиот карневал. Тие сметаат дека не било доцна и за годинава, организирањето на манифестацијата да и биде доверено на специјализирана агенција која ќе се избере по пат на јавен повик. Нивниот концепт предвидува целосно комерцијализирање на манифестацијата од што општината би имала финансиска корист од одржувањето.
Беше споменат примерот од општина Прилеп. За секое паркирано возило да се наплаќа по 100 денари. Како што беше речено, во 21 век мора да се гледа профитот бидејќи тоа е темел за економски развој.
Градоначалникот Александар Панов смета дека ваквиот концепт не е време да се реализира. Нагласи дека Тивкешкиот гроздобер не треба да се споредува со Пиво фест или струмички карневал од повеќе причини. Јавно обелодени дека визбите не се заинтересирани да донираат поголеми средства за подршка на манифестацијата, а најмалку да се плаќаат скапи естрадни уметници.
„Општината нема корист со средства од буџетот да покрива хонорари за скапите пеачи. Не е во ред и да им наплаќаме на гостите за паркирање, бидејќи и немаме што да им понудиме како паркинг простор. Многу е тешко винариите кои имат штандови за време на гроздоберот и останатите угостители да се убедат дека треба да го форсираат виното, а не пивото. Имавме случаи пред две години кога организацијата и беше доверена на специјализирана агенција, но посебен ефект од тоа и немаше “ рече Панов.
Со 10 гласа „за“, 5 „против“ и 1 „воздржан“ сепак програмата предложена од градоначалникот Панов беше усвоена од советот. Во неа се содржани планираните активности. И годинава ќе има детски и вински карневал, културно уметничка програма, спортски активности, вински боемски вечери. Во прогрмата се предвидени 2 милиони денари од буџетот на општината./А.Д