Нивите во тиквешко се наводнуваат со исправна вода!
Наводнувањето на нивите од хидромелиоративниот систем „Тиквеш“ се врши со квалитетна вода. Водата од вештачката акомулација Тиквешко Езеро одговара на правилникот за квалитет на водата за наводнување, покажале резултатите од анализите.
Водата од езерот првенствено се користи за наводнување на тиквешкото поле, но и за капење и спортски риболов.
Од Водостопанство Тиквеш велат дека деновиве поради топлотниот бран кој ја зафати земјава земјоделците интензивно ги наводнуваат земјоделските површини, пред се лозарите се тие кои користат поголема количина на вода за наводнување. Оваа агротехничка мерка ја применуваат во моментов земјоделците од Кавадарци, Неготино, Росоман и Градско.
„Без проблем се справуваме со зголемената побарувачка на вода иако се случувало одеднаш да сакаат да наводнуваат поголем број на производители на иста локација.“ рекоа од Водостопанство Тиквеш.