Високата зона на Ваташа повторно без вода
Шест дена жителите од западната висока зона на Ваташа се без вода за пиење. Таму има нов дефект на водоводната линија, но не на истото место. Сега скината е цефка која минува во приватен двор. Тоа е и причината што на екипите на Комуналец им е отежнат пристапот за работа.
“Вчера попладне, околу 18 часот успеавме да го санираме дефектот и ја пуштивме водата. Водоснабдувањето во тој дел од градот беше нормално се до 3 часот наутро кога повторно избила линијата. Од утрово нашите екипи повотрно работат на санација на дефектот и очекуваме дека до 14 часот денеска ќе завршиме со санацијата. Бидејќи линијата минува во приватни дворови ни е отежнато работењето. Сопствениците се натегаат, не дозволуваат да се копа иако според закон ние имаме можност да интервенираме на линијата и да ја вратиме состојбата со ископот во првобитна состојба. Се надминуваат недоразбирањата па потоа работиме на дефектот“ рече раководителот на Водовод при ЈП Комуналец Кавадарци, Марјан Прескакулев.
Додека комуналци работат на санација на дефектот граѓаните кои подолго се без вода или со чести прекини во водоснабдувањето се жалат дека се принуени да се снаоѓаат како знаат и умеат и дека на овие пеколни температури е не подносливо да се живее без вода.