Кавадарчани денеска и се поклонија на Света Петка
Здравје, мир и спокојство во семејствата беа главните желби на кавадарчани денеска на чествувањето на заштитничката на градот Св. Преподобна маченичка Параскева Римјанка, Света Петка. Стотици верници присуствуваа на Светата Божествена литургија со која утринава чиноначалствуваше Митрполитот на Повардарската Епархија, г.Агатангел.
Потоа верниците се упатија кон новата црква што бизнис секторот од Кавадарци и граѓаните и ја посветија на заштитничката на градот, Света Петка. Сите беа радосни и ја коментира убавината на објектот што не цели три години се градеше во византиски стил во новиот центар на Кавадарци.
„ Владиката ме донесе од Велес да изградам убава црква и во Кавадарци. Дојдов за да му оставам на кавадарчани убава црква за целиот живот. Да не споменуваат внуци и правнуци. Имавме подршка од сите што се вклучени во изградбата. Го честитам денешниот празник. Ова е еден подарок за сите верници на Кавадарци и цела Македонија“ рече во пораката до граѓаните на Кавадарци мајстор Ристо од Пустец –Албанија, кој со својата тајфа во изминативе три години му даваше душа на каменот и изгради прекрасен црковен храм во градот на грозјето и виното.
Честитки и благослов до верниците упати и владиката Агатангел. Тој рече дека по целосната изградба на новата црква, за околу две години, ќе се започне и со целосна реконструкција на храмот Свети Димитрија.
„Ако течат работите како досега, верувам дека за две години ќе се собериме и ќе ја осветиме црквата. Сега следува потешката, поспецифичната работа. Ако сакаме убаво, нема потреба да се брзаме. Вакви културни споменици многу ретко се градат. По 150 години кога е изграден храмнот Свети Димитрија градиме нова црква во Кавадарци“ рече Агатангел.
Претседателот на иницијативниот одбор за изградба на црквата, Митко Јанчев, сопственик на Кожувчанка и еден од поголемите донатори е задоволен од досега сработеното.
„За неполни три години направивме објект кој што е дојден до фреско живопис. Имаме се помасовно вклучување на фирми, верници , наши сограѓани со донации во изградбата на црквата“ рече Јанчев.
Градоначалникот Александар Панов искажа големо задоволство што во градот се издигна новиот верски објект. Нагласи дека многумина во Македонија завидувале што токму Кавадарци, има толку убава црква.
Фени индустри е најголем донатор за изградба на црквата. Директорот Никола Ризов им порача на кавадарчани да веруваат во Бога и достојно да го користат и новото место за духовно спокојство.
Митрополитот на Повардарската Епархија, г. Агатангел упати честитка и до сите верници муслимани по повод нивниот голем празник Рамазан Бајрам. Им порача и тие да ја сакаат Македонија, бидејќи сите заедно живееме во неа./ A.Д