Бербата на винското грозје годинава ќе почне порано од лани !
Најголемиот лозарски регион во земјава, Тиквешкиот, е подготвен за новиот гроздобер. Визбите велат дека тој годинава ќе започне нешто порано, споредено со минатите години, бидејќи топлото време придонесе да се постигне потребната технолошка зрелост кај некои сорти.
Винарските визби биле празни, залихите на вино биле продадени, па се очекува интерес за годинешниот род на лозјата. Од новата винарница која е во завршна фаза на градба со германски капитал годинава ќе откупеле 12 милиони клограми грозје, најмногу вранец. Винаријата пак која исто така е во финална фаза на градба во селото Марена со американски капитал, исто така ќе откупува грозје оваа гроздоберска сезона. “Аневски” од Штип годинава планира да откупи вкупно 12 милиони килограми грозје или 3 милиони повеќе од лани, дознаваме од менаџерот на “Аневски”, Ѓорѓи Бебеџаков.
Најголемата винарија, Тиквеш, вчера попладне ги објави откупните цени. Од таму рекоа дека тие биле повисоки за 20 отсто споредено со лани.
„Добрите позиции на неколку сорти на вина на Тиквеш на одредени пазари и потенцијалот што постои е причина за зголемувањето на цените за откуп на високо квалитетното сорти грозје. Од друга страна за да понудиме врвно вино на пазарите мора да имаме и квалитетно грозје“ рече Игор Илиевски, генерален директор на Тиквеш.
За долгогодишните партнери, винаријата ќе плаќала 40% повисок надомест како резултат на континуираниот квалитет.