Кавадарчанец доби целосна стипендија од словачкото министерство за образование
Ристе Наумов од Кавадарци е меѓу седумтемина најдобри матуранти што добија стипендија од Словачка. Резултатите кои Наумов ги има досега постигнато во своето школување беа пресудни да влезе во изборот на стипендисти. Вели дека посебни услови за апликација немало, единствено постигнатиот просек му донеле успех.
Стипендијата кој ја доби Ристе Наумов ја доделува Министерството за образование и наука на Р.Словачка заедно со македонското министерство за образование и наука. Од седумте стипендисти четворица се со целосна стипендија.
„Добив целосна стипендија. Што значи шест годишно стипендирање и тоа една година за изучување на словачки јазик, три години факултет и две години пост дипломски студии“, објаснува Наумов, кој скромно вели дека не очекувал да биде одбран токму тој па сега е пријатно изненаден и ветува дека ќе го даде максимумот од себе, за како што вели, горд да биде и самиот, но со неговите резултати и Кавадарци.
Деновиве Ристе Наумов и останатите шест стипендисти од Македонија беа на официјален прием во кабинетот на министерот за образование и наука Спиро Ристовски од каде ја добија најголемата поддршка и желби за многу успеси.
Наумов е роден 1994 година. Основно образование завршува во ООУ „Тошо Влеков Пепето“, а средно завршува во Гимназијата Добри Даскалов. За цело школување зад себе има просек 5.0 На Наумов кавадарчани особено се сеќаваат по спортските успеси. Тој и неговата сестра се едни од првите младинци кои со своите огромни резултати го вивнаа карате спортот во височина .Карате Наумов во родниот град тренираше од второ одделение, а од петто па до денес на тренинг патува во Прилеп.
Многу освоени места, медали, признанија и успеси на државни и меѓународни натпревари можеби беа само плус на просекот во одлуката за доделување стипендија на Наумов./А.Д