Смедеревката и вранецот ќе се купуваат по лански цени, лозарите незадоволни

Објавено на 1 септември, 2014 во 12:18

По лански цени ќе се купува годинашниот род на грозје од најзастапените вински сорти. Визбите понудиле 11 денари за смедеревка со најмалку 17 шеќерни единици и 13 денари за вранец со 19 шекерни едници донесена на откупен пункт. Ваквата понуда била прифатена од претставниците на лозарите, бидејќи било можно да се понуди и пониска цена.

Договорот паднал на саботниот работен состанок меѓу претставници на лозарите и визибите,  на кој присуствувал и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Лозарите не се задоволни од постигнатиот договор и коментираат дека тие се повторно изманипулирани од визбите. Велат дека им се понудија ланските цени,  иако тие годинава имале  огромни трошоци да го зачуваат родот од болести и штетници поради лошите временски услови. Со свои аргументи на состанокот настапиле и визбите. Тие пак, се жалеле како секоја година дека цената на виното на светскиот пазар била намалена, а се соочувале и со конкуренција од шпанските вина.

И лозарите и винарите секоја година настапуваат со свои аргументи и пресметки. На производителите им е ниска цената по која им го купуваат родот, бидејќи имале неспоредливо повисока производна цена, а на визбите секој денар плус даден за грозје им е премногу.

Од претставниците на лозарите дознаваме дека биле принудени да ги прифатат ланските цени, бидејќи винариите имале во план да одат со дополнително рушење и на тие цени.

Годинава родот на грозје е речиси преполовен. Според слободните проценки на стручните лица годинава ќе се набарат околу 100 милиони килограми./ А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.