Во Кавадарци од денеска се чествуваат грозјето и виното, започна „Тиквешки Гроздобер“

Објавено на 5 септември, 2014 во 12:31

Денеска  стартува  стопанско туристичката и културна манифестација, Тиквешки гроздобер. Поставени се  бината и  штандовите на винариите. Отворањето на  изложбата „Кавадарци низ стари историски фотографии – 70 години од ослободувањето на град Кавадарци“ ги најави програмските активности од овогодишната манифестација.

Вечерва на градскиот плоштад започнува винскиот боемски фестивал, вечер на виното и песната, посветена на Никола Бадев. На големата бина концерти  ќе имаат Тони Михајловски и Скандал Састаф,  Влатко Стефановски и Андријана Јаневска. Првата фестивалска вечер ќе заврши со изборот на винска убавица, кој ќе се оддржи во винската куќа во градскиот парк.

Организаторите за трите дена од манифестацијата најавуваат богата програма за сите вкусови. Очекуваат годинава за „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци да има стотина илјади посетители.

„Годинава карневалската процесија ќе биде збогатена со многу карневалски поставки. Ќе има и учесници кои за прв пат се појавуваат на винскиот карневал. Веќе две недели работиме на промоција на манифестацијата во земјава и засега одзивот е одличен. Се интересираат луѓето кој кога ќе настапува. Годинава имаме и музичка понуда за сите вкусови. Жељко Јоксимовиќ, Дадо Топиќ се само дел од врвните музички имиња кои ќе ја збогатат програмата за Тиквешки гроздобер“ рече Зоран Стојанов од организациониот одбор.

Според програмата, активностите утре   ќе започнат се одржи електронска аукција на земјоделски производи и изложба на „олд тајмери“. Стартот на винскиот  карневал е најавен од    20 часот.по чие завршување ќе следи  огномет и концерт на балканската мега ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. И годинава вториот ден од Тиквешки гроздобер  ќе заврши доцна по полноќ со традиционалната тиквешка серенада.

Организаторот очекува деновите од гроздоберот да поминат без врнежи од дожд, но и доколку се случи тоа нема да има отстапки од програмата.

На третиот ден од гроздоберот е предвиден настап на улични забавувачи, меѓународна изложба на кучиња која ќе биде поставена на фудбалското игралиште при спортскиот центар „Јасмин“, меморијалниот турнир „Сестри Китеви“. Од 11 часот и 30 минути на градскиот плоштад ќе започне детската карневалска програма. Од  12 часот е закажана свечената седница на Советот на општина Кавадарци, на која ќе се доделат седмосептемвриските награди. Детскиот карневал започува од 13 часот, а во 19 часот ќе бидат прогласени најдобрите вина од страна на винската академија. Тиквешкиот гроздобер ќе заврши со концертите на Дадо Топиќ, Тајзи и Слаткар./А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.