Болеста син јазик и понатаму се шири во Тиквешко
Прскањето против комарци во кавадаречко не помогна да се намали или да запре ширењето на болеста син јазик кај овците и козите во Тиквешијата. Надлежните информираат дека секој ден има нови регистрирани болни животни.
По сточарите од селата Трстеник и Камен дол денеска пристигнале пријави за заболени овци од други стада. Ова говори дека во опасност поради болеста се околу 5000 овци колку што има во општината Росоман.
„Од цела Тиквешија најризично е во стадата на висорамнината Витачево, а од пред неколку дена и во селото Шешково. Таму смртноста се движи и до 20%“ рече управителот на ветеринарната станица во Неготино. Тој објаснува дека и во стадата низ неготинските села се шири болеста син јазик. Најмногу заболени има во Пепелиште, Војшанци и Криволак.
Ветеринарниот инспектор ги советува фармерите да се придржуваат до советите од ветеринарните друштва и да продолжат со давање на симптоматска терапија на заболените грла./A.Д
