Коцевски-Бомгартнер: Продлабочување на пријателството, француска хуманитарна помош и поголемо изучување на францускиот јазик во Велес
За односите на пријателска Франција со нашата земја со посебно внимание на теми кои се однесуваат на работата на локалните самоуправи, децентрализацијата на власта, поддршката на граѓанските организации од областа Алзас во Франција на општините во Македонија, во наредниот период за подобрување на политичката и економската соработка помеѓу нашата држава и Франција како и потикнување на што поголемо изучување на францускиот јазик во велешките училишта , разговараа денеска Градоначалникот Аце Коцевски и Н.Е амбасадорот на Франција во Северна Македонија Сирил Бомгартнер. Домаќин беше градоначалникот Коцевски и Општина Велес.
-Ми беше чест што можев да му се заблагодарам на амбасадорот Бомгартнер за поддршката што Република Франција и претседателот Емануел Макрон и ја дадоа на Северна Македонија на патот за започнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија. Велес е општина што има најдобра соработка од останатите општини во државата со Република Франција и сигурен сум дека таа соработка во наредниот период ќе продолжи и ќе се продлабочува. Ја користам оваа пригода да му се заблагодарам на господинот Жак Шлев, претседател и останатите членови на здружението „Алма“ од Алзас, со кои во изминатиот период и сега имаме извонредна соработка, да се заблагодарам за љубовта кон Македонија и за одличните донации коишто со години наназад ги обезбедуваат со што го подобруваат квалитето на живеење на одредени групи на граѓани и граѓанки за коишто тие се наменети. Им благодарам од срце, додаде Коцевски.
-Господине градоначалник вие кажавте се, сега јас можам да си дозволам да бидам краток во изјавата. Се разбира дека се шегувам. Пресреќен сум што сум денес овде на оваа прва работна средба откако сум назначен на функцијата. И навистина имавме суштински разговори но пред се пријателски коишто ветуваат. Ќе кажам дека од срце и на двајцата ни е желба да ја продолжиме таа соработка на општината преку амбасадата и на цела Франција. Заеднички ќе надминуваме предизвици особено поврзани со развојот на туризмот но исто така и преку зголемувањето на бројот на ученици коишто ќе го изучуваат францускиот јазик во Велес и навистина секоја добра волја е добредојдена, може да даде свој придонес, и затоа јас лично сакам да им се заблагодарам на сите членови на здружението „Алзас-Македонија“ затоа што донацијата којашто ја донесоа е вистински симбол на пријателството коешто постои помеѓу Велес и Франција, рече Н.Е амбасадорот Сирил Бомгартнер.
Во првата официјална посета на Велес, амбасадорот Бомгартнер, исто така, денеска го посети француското катче во градската библиотека „Гоце Делчев“ и културно историски споменици во Велес.
Стефани Манева