Конечно граѓанските организации ќе му помагаат на езеро Младост
По двомесечна борба со непознатата материја што се шири на езерската површина на „Младост“, спортските риболовци на граѓанското здружение „Бабуна“ иницираа дводневна волонтерска акција за чистење. На нивниот повик се одѕваа ЕД „Вила Зора“, Црвен крст Велес, Кајакарски клуб „Бабуна Велес“, „Клуб 28“ од Велес и ЗГ „Акцијаши ветерани“ Велес.
Во сабота и во недела влегуваат во езерото и со помош на чамци со мотор, мрежи и друг вид на помагала ќе ги собираат корупките и ќе ги изнесуваат се до брегот кадешто ќе се исфрлаат на точно утврдени локации на коишто ќе има поставено мушами. Станува збор за педесет пријавени волонтери што оваа волонтерска акција ќе ја реализираат во сабота, на 20 јули и во недела, на 21 јули. Тие ќе почнуваат да работат наутро во 05:00 часот и ќе завршуваат во 10:00 часот.
Според разговорот со претседателот на ЗСР „Бабуна“ Даниел Наумоски и тие сами не знаат со што се ќе се соочат бидејќи оваа материја што на прв поглед изгледа како езерската површина да е прекриена со корупки всушност е навлезена и во внатрешноста на водата кадешто испушта реси.
Наумоски во име на педесет првопријвените волонтери упати јавна покана до сите велешани, коишто го сакаат чисто и убаво езеро Младост, да дојдат и да помогнат во зависност од тоа кој колку има слободно време. Напоменуваме дека акцијата во двата дена ќе се реализира во времетраење од по пет часа и ќе започнува рано наутро во 05:00 a ќе завршува во 10:00 часот.
Убавка Јаневска