Лицата со попреченост и велешките пензионери организираа заедничка уметничка вечер во Велес
Четири заеднички музички настапи со македонски народни песни имаа пензионерите од Здружението на пензионери Велес заедно со членови од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености како дел од уметничкиот настан којшто вчера вечер се одржа во дворот на основно училиште „Васил Главинов“ во рамки на манифестацијата„Велешко лето 2024“. Тие заеднички ги изведоа химната на град Велес „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, потоа „Јовано Јованке“, „Македонско девојче“ како и „Заветна“.
Измеѓу музички точки, со рецитации настапија и лицата со попреченост поточно песна рецитираше Александра Анѓушева која е лице со оштетен вид, потоа Јордан Андов којшто е лице со аутизам рецитираше две песни од кои едната „Татунчо“ од Кочо Рацин и „Умилкување“ од Петре М. Андреевски, додека актерката Весна Димитрова Бобевски прочита песна од Анета Димитровска којашто пишува поезија.
-Направивме една културна вечер каде пред нашите сограѓани се покажавме и докажавме дека доколку работиме заеднички можеме многу повеќе и правиме многу повеќе. Ова е многу добар пример што треба да го пресликуваат и други општини и е одличен начин мешовити групи со лица со попреченост, пензионери, млади лица од основно и средно образование да функционирање на сите полиња, рече Далиборка Златева претседателка на здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
На настанот се претстави и велешанецот Бубе Дуков со своите прекрасни уметнички дела кои секогаш ги збогатуваат уметничките настани во градот.
Инаку Велешко лето продолжува и понатаму со разни настани, следен е концертот на велешката чалгија на плоштад Којник, во петок, на 19 јули со почеток во 20:00 часот, а потоа на 21 јули, недела, во Амфитеатар со почеток во 21:00 часот свој голем концерт со гости ќе одржи и велешанецот Мики Секуловски.
Стефани Манева