Не видоа аир тутунопроизводителите од Лозово од договорите со струмичкиот монопол
Писмениот документ со кој тутунарите од Лозово се обврзаа кон „Струмица табак“ дека ќе произведуваат квалитетен тутун – басмак, годинава наместо заработувачка им носи пропаст. Струмичката тутунарска фирма го затвори откупниот пункт во Лозово. Во амбарите на тутунарите останаа неоткупени триесет тони. Тутунарите рекоа дека се во загуба од самиот почеток на годинешното производство, кога влегле во инвестиција и купиле опрема.
– Стумица табак од нас побара да го произведуваме токму овој вид на тутун, басмак или кафен тутун. Направивме договор, потпишавме и ние почнавме да го наводнуваме значи системи купувавме за наводнување па фолии градевме и во нив го сушевме а сега немаме информации во стечај ли е што се случи со фирмата. Еве погледнете тутунот ни стои во амбарите. Чаре немаме, не знаеме што да му правиме. Јас произведов 700 кг басмак а не можам еден килограм да продадам. Ако дојде некој и да ми понуди 80 денари за килограм па што сум направил јас кога не можам да си ја прехранам фамилијата. Сега барам помош од министерството за земјоделство, рече Златан Ристов – тутунар од с. Каратманово
Од „Струмица табак“ пред Божик им кажале дека ја изгубиле лиценцата. Тогаш ги советувале овие тутунари да бараат друг начин за откуп, друга фирма. Сега други откупувачи бараат да го откупат ама наместо во прва или во втора класа им го проценувале во тртета и четврта класа. Тутунарите добивале многу ниски откупни цени .
– Имам околу 500 килограми тутун басмак и не знам што да му правам. Слушам пропаднала фирмата, газдата си товарил тоа што откупил и однел за Грција, а ние остануваме на цедило. Имаме кредити за враќање и живееме од производството на тутун затоа што еве јас добивам 10.000 денари пензија. Што да правам? За нигде ни е работата. А Струмица табак не тераше да произведуваме басмак. Моравме да го наводнуваме а сега само обврските за вода не можам да ги подмирам оти цело лето под него прскавме за да стане црн и кафен. Со цената што други откупувачи ми ја нудат јас губам најмалку по 150 денари од кило. Сега барам државата да помогне, Петре Колевски – тутунар од с. Каратманово.
Тој додава дека наместо цена од 405 денари за прва, 300 денари за втора и 218 денари за трета класа сега откупувачите сакаат да им го земат за 150 денари поефтино.
– Незнам што ќе правам. Ми се роди само 200 кг тутун а никој не ми го откупува. Без работа сум . Многу сме оштетени. Треба државата сега да помогне, другите монополи да ни го откупат ама не по цената што ни ја даваат, таа е многу ниска, рече Киро Наков – тутунар од с. Каратманово
Овие тутунари велат дека годинава во Лозово е произведена количина од 30 тони тутун. Сега кога кај нив идат други откупувачи и нудат пониски цени тие пресметале дека загубата од годинешната реколта ќе изнесува скоро 80 илјади евра ако не успеат да ги добијат откупните цени што ги давала Струмица табак.
И додека чекаат помош од министерството за земјоделство нивниот тутун калира и го губи квалитетотот со секој нареден ден па ги прави очајни и гневни./У.Ј