Младински центар Велес го одбележа четвртиот роденден со Летна медиумска академија (фото и видео)

Објавено: 12 август, 2026, во 14:25 часот

Во Europe House Велес започна Летната медиумска академија, организирана од Младински центар Велес, која ги обедини младите, медиумите и практичното учење во еден ден исполнет со нови знаења, интеракција и креативност.

Првиот дел од академијата го следеа 16 девојки, кои имаа можност да се запознаат со основите на медиумите и новинарството, како и со процесот на создавање една новинарска вест.

Преку интерактивни активности и практични задачи, учесничките учеа како да препознаат вест, кои информации се важни и како една идеја да ја претворат во јасна и информативна новинарска содржина.

Тие своето новостекнато знаење добија можност веднаш практично да го применат. На крајот од првиот дел, секоја од учесничките ја презентираше својата вест пред групата, споделувајќи ги своите идеи и начинот на кој ја обработиле избраната тема.

-Првиот ден од академијата имаше и дополнителна причина за славење. Активностите се одржаа во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на младите, а денот се совпадна и со четвртиот роденден на Младинскиот центар Велес, објасни младинскиот работник Стефани Манева.

По завршувањето на активностите, сите заедно ја дувнаа свеќичката и го одбележаа четвртиот роденден на центарот – четири години исполнети со младински идеи, активности, можности и заеднички моменти.

Летната медиумска академија продолжува со нови активности, преку кои младите ќе имаат можност да стекнуваат нови знаења, да ги развиваат своите медиумски вештини и, пред сè, да го пронајдат и користат својот глас.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.