На Духовден, велешани масовно ги посетија вечните почивалишта на најблиските упокоени – повторно метежот ги блокираше улиците што водат до двете цркви во градот

Објавено на 22 јуни, 2024 во 15:29

Стотици граѓани од рано утринава се упатија кон гробиштата на двете цркви во Велес, „Свети Великомаченик Пантелејмон“ и „Свети Спас“ како и на новите гробишта во Раштани за да ги запалат кандилата и свеќите во чест на упокоените членови на семејствата. Ни топлото време ниту пеколната горештина не ги поколебаа на Духовден да ја испочитуваат традицијата според која се чекаат свештениците на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да го изведат чинот на прелевање, поточно спомнување на имињата на упокоените додека се истура црвеното вино во подготвената пченица и дел на земјата од гробницата.

Долги колони на возила уште од 6:00 часот се забележани кон двете цркви во Велес кои се наоѓаат под двата ридови „Вршник“ и „Свети Илија“. Околу 7:00 часот возилата на такси компаниите во градот прекинаа да возат по стрмните и кривудави улици до црквите. На две места, кај објектот наречен „Малина“ и пред ООУ „Св. Кирил и Методиј“, полициските службеници го блокираа целосно сообраќајот за да не се создаде дополнителен метеж.

Според изјави на такси возачите и на велешани не било возможно разминување, се создавале чести застои и долги колони од возила. И првите и вторите повторно го актуелизираа барањето за воведување на еднонасочен сообраќај на улиците кои водат кон двете цркви во Велес барем на големите верски празници ако тоа не е возможно секој викенд.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.