На Европски ден на граѓанска правда во Велес ученици виртуелно се запознаа со правосудството

Мерките за коронавирус ја изменија веќе воспоставената добра практика на Основен Суд Велес, 25 октомври, Европски ден на граѓанска правда, да продолжи да се одбележува со отворен ден на судот. Ако претходно, во 2018 и 2019 година, преку избран кретивен модел на „симулација на судење“ се одбележуваше овој ден со учество на учениците од средните училишта кои беа вклучени во улоги на судии, поротници, обвинители, бранители, адвокати во граѓанска или кривична постапка, годинава, судот подготви видео запис и две презентации. Првата е визуелна посета на судот додека втората ги содржи потребните информации за значењето на Европскиот ден на правдата, како и надлежноста, организацијата и историјатот на Основен суд Велес. Во неа особено внимание се посветува на воведот на правото на правична судска постапка, согласно член 6 од Европска конвенција на заштита на човековие права.
Денеска презентациите пред учениците од ООУ „Блаже Конески“ покажаа колку оваа институција е интересна и покрај тоа што на часот по граѓанско образование тие и досега ја обработувале темата право и правда, рече предметната наставничка Јадранка Клифова.
-Интересот беше голем и на денешниот час. Меѓу најпоставуваните ученички прашања беа следниве: кога се стигнува до суд, поради кои нарушени права како и дали секогаш можат да се обратат до судот или постои некаква претходна процедура, додаде Клифова.

Дел од учениците на ССОУ „Димитрија Чуповски“ презентациите ги проследија во сала на училиштето а дел во своите училници, рече директорката Маја Хеско.
– На класниот час по двјаца ученици од секој клас на втора и трета година ги проследија презентациите во големата училишна сала. Додека учениците од прва и од чеврта година, кои го изучуваат предметот Граѓанско образование, класниот час го посветија освен на следење на презентациите исто така и на дискусија, додаде Хеско.
На овој начин Основен суд Велес се приклучи кон одбележувањето на 25 Октомври – Европски ден на граѓанска правда што секоја година се одбележува во сите држави на Европа. Целта е правдата да се доближи до граѓаните и тие да се запознаат со нејзиното спроведување, рече претседателката на велешкиот Основен Суд, Лидија Димова.

-Ученците ни беа целна група за кои оценивме дека е потребно да им ја пренесеме улогата на идните судии, судии поротници, обвинители и адвокати во заштитата и еднаквиот пристап до правда, на сите граѓани. Минатогодишните искуства покажаа дека за дел од учениците учесници претставуваше предизвик својата иднина да ја гледаат во оваа професија поточно да се запишат на Правен факултет. Очекувам дека учениците и граѓаните кои ќе ги проследат понудените видео запис и презентации со поддршка на медиумите ќе ја постигнат целта поради која се одбележува европскиот денот на правдата, рече претседателката Лидија Димова на Основен суд Велес.
Презентациите се објавени на веб страната на Основен Суд Велес. Тие се достапни и за граѓаните кои поради ситуацијата со пандемија на Ковид-19, делумно или ограничено дозволува, јавноста да присуствува на одредени судења.
Убавка Јаневска
