Ние и припаѓаме на природата: Еко – тура на велосипедистите од Неготино и Демир Капија

Објавено на 29 март, 2021 во 10:11

eko tura 1

29.03.2021

Во организација на здружението на велосипедисти „АНТИГОНЕА БАЈКИНГ ״– Неготино, викендов се одржа првата  „Еко- тура״, еколошка велосипедска тура. На истата учество земаа над 30 велосипедисти од општините Неготино и Демир Капија. Оваа „Еко- тура״ започна од „СРЦ – Младост״ во Неготино , а по кружење на населените места Пепелиште и Криволак, истата заврши пред Спомен – костурницата во градот.  

Освен возење со велосипед,  еко – турата имаше повисока цел, односно подигнување на еколошката свест кај граѓаните, преку пошумување и разеленување на градот.

Имено, по завршување на возењето, со почитување на сите здравствени протоколи за заштита од пандемијата, беа засадени над 40 нискостеблести и високостеблести дрвја, токму на паркот Спомен – костурница, место кое претставува природно катче за рекреација на многубројни граѓани. Садниците беа обезбедени од самите велосипедисти, но и со помош на здружението на граѓани „Ековита, Општина Неготино и останати поединци, вљубеници во природата.

eko tura 2

– За жал, требаше да се случи оваа пандемија, за да ја сфатиме суштината на нашето живеење. Сметам дека ние луѓето, како социјални суштества, го одбравме потешкиот начин да научиме дека всушност ние и припаѓаме на  природата, а не таа на нас. Ние како велосипедисти од Неготино и Демир Капија, преку организирање на оваа „Еко- тура״, решивме на наш начин да се заблагодариме за тоа. Ова е прва, но не и последна организација на ваков настан кој обединува два клучни сегменти кои се важни за нашето здравје и севкупно живеење. Им благодариме на сите кои придонесоа за одржување на овој настан, ова нека биде само мала најава за нашите идни активности, со крајна цел зачувување и негување на природните реткости, вели Ристе Јанев, претседател на новоформираното здружение на граѓани „АНТИГОНЕА БАЈКИНГ ״– Неготино.

ekotura3

Од здружението најавија дека планираат оваа „Еко- тура״ да премине во традиција и истата да се организира секоја година, како најава за почетокот на пролетта.

Мите Јаначков

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.