Одбележување на „Розов окгомври“ во Градско – трибина за подигнување на свеста за ракот на дојка

Во рамките на одбележувањето на „Розов октомври“ – месецот на борбата против ракот на дојка, во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско се одржа едукативна трибина посветена на превенцијата и раното откривање на оваа болест. Настанот го организираше Општина Градско, со цел да ја зголеми свеста кај населението за важноста од редовни контроли и здрави животни навики.
Едукатор на трибината беше Др. Родна Јорданова, волонтер со повеќегодишно искуство во Општинската организација на Црвениот крст од Велес. Во своето излагање, таа ги истакна клучните фактори на ризик, методите за самопреглед и значењето на редовните мамографски прегледи како најделотворен начин за рано откривање на ракот на дојка.
Присутните граѓани имаа можност да се запознаат и со најновите информации за современите третмани и начини на поддршка за лицата кои се соочуваат со оваа болест.

На трибината учествуваа и претставници од Здружението „Лаг Агро Лидер“, кои ја поддржаа иницијативата и ја нагласија важноста од заедничко дејствување во подигнувањето на јавната свест за оваа значајна здравствена тема.
Со овој настан, Општина Градско уште еднаш ја потврди својата заложба за промоција на здравјето и за поддршка на кампањите кои го поттикнуваат информирањето и превенцијата кај граѓаните.
Стефани Манева


