Општина Велес со нов градоначалник, Марко Колев денеска ја превзеде функцијата
Со соопштување на постигнатите резултати на седмите Локални избори во Велес, денеска, во големата сала на општината се одржа свеченост на примопредавање на должноста на функцијата Градоначалник помеѓу досегашниот, Аце Коцевски и ново избраниот Марко Колев.
Претседателот на општинската Изборна комисија за Општина Велес, Адреј Ќамилов, пред присутните ново избрани членови на Советот на Општина Велес, пратеникот и претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски, претставници на локални институции, на верските заедници, на АРМ и на медиумите соопшти дека на штотуку завршениот, прв круг од изборната трка, според резултатите од преброените гласачки ливчиња во составот на новиот Совет на Општина Велес ќе партиципираат 11 советници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, осум советници на коалицијата предводена од СДСМ, тројца советници на партијата Левица и еден советник на партијата ДУИ. Според резултатите и добиените 12.381 гласови од граѓаните за нов Градоначалник на Општина Велес е избран Марко Колев од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На свеченоста пред да му го предаде клучот на градот досегашниот градоначалник, Аце Коцевски, обраќајки се пред присутните рече дека присуствуваме на значаен чин од практикување на демократијата кога на убав и достоинствен начин се врши примопредавањето на власта и посака тоа да остане како традиција.
-Пред свеченоста ние имавме убава средба со новоизбраниот Градоначалник на кој разговаравме за сите важни работи за коишто сметавме дека треба да ги споделиме. Дозволете ми на Општинската изборна комисија и претседателот Андреј Ќамилов да им честитам за успешено спроведениот изборен процес. На новоизрабниот градоначалник господинот Марко Колев да му честитам на изборот, победата беше јасна, недвосмисела и чиста, што е голема обврска пред граѓаните на Велес. Му посакувам пред се добро здравје и многу успех во извршувањето на многу одговорната функција во наредните четири години. Исто така и на новоизбраните членови на Советот на општината им посакувам плодна и успешна работа. Сосема на крај да упатам и изрази на благодарност прво до претседателите на Совет на Општина Велес, во мандантниот период во коишто заедно бевме тука, и од власта и од опозицијата, за соработката, меѓусебното почитување што го имавме и за успешно извршените работи што ги направивме во изминатите четири години. Да им се заблагодарам на вработените во општината, за извршување на нивните задачи. Општинската администрација е столб на секоја општина. Велес има прекрасни општински службеници кои знаат како треба да му служат на својот народ и се надевам дека и понатаму тоа ќе биде така. Да се заблагодарам на сите институции, на претставниците на граѓанскиот сектор, на раководителите и на јавните установи, на ЈКП „Дервен“, ЈП „Парк спорт и паркинзи“, на претставниците на верските заедници, на правосудните органи, на МВР, на АРМ за соработката што ја имавме во изминатите четири години во интерес на граѓаните на Општина Велес. Сигурен сум дека таа пракса ќе продолжи и во наредниот период. Им благодарам и на претставниците на средствата за јавно информирање за тоа што ја следеа работата на општината и континуирано ја известуваа јавноста во изминатиот период, рече Коцевски.
Тој додаде дека не би сакал друго да коментира, како ја превзел и како ја предава општината, бидејќи тоа биле теми за други муабети и посака сите да бидат здрави и живи и да се гледаат само за убави работи.
Новиот Градоначалник на Општина Велес, Марко Колев, пред присутните прво им се заблагодари на граѓаните на Општина Велес за дадената поддршка да биде градоначалник на Општина Велес.
-Функцијата Градоначалник на Општина Велес ќе ја извршувам чесно, посветено и ќе дадам се од себе за да ја оправдам довербата што ми ја дадовте. Време за губење нема, веднаш започнуваме со работа, со реализација на 217 проекти кои беа дел од мојата предизборна програма. Свесен сум дека нема да биде лесно, свесен сум за предизвикот, но само со напорна работа, трудољубивост и сплотеност ќе ги оствариме зацртаните цели. Да го направиме Велес убаво место за живеење за сите нас. Ја користам оваа прилика да упатам порака до сите пратеници во Собранието кои се со потекло од Велес, а ги има петмина, дајте се од себе, борете се за што повеќе проекти да бидат насочени кон Велес. Сите сме свесни дека дел од проектите треба да бидат подржани и од централната власт. Упатувам порака и до новите советници на Општина Велес дека време е за носење на разумни одлуки, коишто ќе не сплотуваат, ќе се гласаат едногласно, за доброто на нашиот град. Упатувам порака до општинската администрација дека јас ќе подадам рака и истото го очекувам од нив. Граѓаните на Општина Велес очекуваат повисок степен на извршување на обврските. На крај упатувам силна порака до ЈКП „Дервен“,дека граѓаните на Општина Велес очекуваат како никогаш досега почист, позелен и поубав Велес, додаде Колев.
По обраќањата следуваше предавањето на клучот на градот од стариот на новиот Градоначалник и во рамките на свеченоста исто така на ново избраните членови на Совет на Општина Велес, во мандатен период 2021 – 2025 година им беа врачени решенијата за изборот.
Убавка Јaневска