Организација на жени Велес: Тука сме 24/7 за жените кои доживуваат насилство во било каква форма
Организација на жени на Општина Велес со поддршка од комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес , денеска, ја завршија кампањата „16 дена активизам борба против семејно насилство“. Пораката „Живот без насилство“ беше испишана на флаери, беџови како и зимски шалови коишто се доделуваа на случајни минувачи пред платото на велешкиот театар ЈХК „Џинот“ со цел да се подигне свеста кај граѓаните за жртвите на семејно насилство. Претседателката на здружението, Мирјана Трајкова, рече дека проблемот со семејно насилство и родово базираното насилство врз жените не завршува денес, туку продолжува и во наредниот период што доаѓа.
-Свесни сме дека сме им потребни на жените кои доживуваат насилство од било каква форма, од било која причина и затоа сме тука за нив – 24/7. Секоја жена има право да биде заштитена со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, додаде Трајкова.
Пред шест месеци во нашиот град отворено е и советувалиште за психосоцијална поддршка на жени и деца жртви на било каква форма на родово базирано и семејно насилство. Поточно, секоја жена која доживува насилство може да добие помош и поддршка во просториите на организацијата којашто се наоѓа на кривината кон болница, во МЗ Трајко Панов.
– Секоја жена има право да биде заштитена со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Веќе доаѓаат жени на коишто им е потребна психолошка поддршка. Јас мислам дека бројката е негде од 8 до 10 жени коишто го добиле третманот во психолошкото советувалиште. Правната служба исто така работи со оние жени на коишто им е потребна правна помош, застапување, на документација. Благодарност до институциите од кои ја имавме нивната целосна поддршка за отварање на советувалиштето за психо-социјална поддршка, затоа што само со заеднички пристап можеме да придонесеме на локално ниво кон подобрување на состојбата на оваа ранлива категорија на жени, додаде Трајкова.
Инаку, Организација на жени веќе 10 години дава бесплатна правна помош којашто им е потребна на жените жртви на насилство.
Стефани Манева