Оштетена врата и скршено стакло на изборниот штаб на СДСМ во Градско

Објавено на 9 октомври, 2025 во 11:37

Секторот за внатрешни работи Велес соопшти дека вчера, доцна попладне, во 18:30 часот, добил пријава за оштетени влезна врата и прозор на штаб на политичка партија во Градско. Увид извршила увидна екипа од СВР Велес и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

За настанот со соопштение за јавност и осуда на инцидентот реагира политичката партија СДСМ која откри дека станува збор за нивен изборен штаб и го оцени како насилнички и вандалски чин кој  го покажувал стравот на власта од изборен пораз во Градско.

„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните, ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, пишува во  реакцијата на партијата.

СДСМ бара МВР и министерот Панче Тошковски да не ги заштитува насилниците, веднаш да постапат и без партиски директиви случајот да се расчисти, а сторителите да одговараат.

„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема, а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, пишува во соопштението на СДСМ.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.